Репеша по случувањата во Белград: Ваков линч немам доживеано во животот

Црвена Звезда поведе со 2-0 против Будуќност во финалната серија во АБА-лигата, откако го искористи домашниот терен за да победи на двата натпревари. 

Тренерот на црногорскиот тим Јасмин Репеша беше огорчен од однесувањето на навивачите во салата „Пионир“ во Белград по вториот убедлив пораз на неговиот тим од 107-69.

„Жал ми е поради тоа што се случуваше во салата. Ваков линч немам доживеано во животот, ова нема никаква врска со кошарка. Не разбирам како морам да го фрлам моето одело, бидејќи е исплукано. Имам играно дербија во Болоња, каде тензиите беа ненормални, но постои граница. Навистина ми е жал, бидејќи тука имам многу пријатели, ова беше вистинска хистерија. Тоа не може да се нарече атмосфера, ова е 2019 година и не прифаќам таков однос без разлика за кого се работи“, изјави Репеша по натпреварот.