Раѓа откри како на тренинг ќе се степал со својот најдобар пријател – Стојко Вранковиќ!

Еден од најдобрите хрватски кошаркари на сите времиња, Дино Раѓа, искажувајќи го своето видување на документарниот серијал „Последниот танц“ за првпат открил дека на подготовките за Летните олимписките игри (ЛОИ) во Сеул во 1988 година за малку ќе се степал со својот тогашен и сегашен најдобар пријател, Стојко Вранковиќ.

Легендата на Југопластика изјави дека целосно го разбира Мајкл Џордан и неговото, според многумина, деспотско однесување кон соиграчите во Чикаго булс, па како пример дека и тој посакувал максимум од сите со кои работел ја откри досега добро чуваната тајна. „Виновник“ за жешкиот дуел на хрватските центри бил Александар Ѓорѓевиќ, а во улога на смирувач тогашниот селектор на селекцијата на СФР Југославија, Душан Ивковиќ.

„Со Стојко имав голем судир на подготовките за ЛОИ 1988 во Сеул. На тренинг игравме високи противн ниски, со тоа што ниските не смееја да ја водат топката, што значеше дека нема шанси да ти дадат кош. Само испружиш рацете и тоа е тоа. Но, Ѓорѓевиќ почна да погодува преку Вранковиќ, еднаш, па вторпат, па третпат. И тогаш збеснав. Ни сам не знам што сѐ не му реков на Стојко, кој ми одговори на ист начин. Тргнавме еден кон друг, но тогаш се вмеша селекторот Ивковиќ и почна да вика по двајцата. Мене, тогаш како клинец од 21 година со многу енергија, ми 'пукна филмот' од нервоза и не можноста да се пресметат со Вранковиќ и си отидов во соблекувална. Тогаш Дуда дојде да ме моли да се вратам на тренинг. Така да наполно го разбирам Џордан и неговиот ментален склоп. Токму поради притисокот кој го вршел врз сите е и најдобар на сите времиња“, изјави Раѓа.

Фантастичниот центар освен во дресот на Југопластика, настапуваше уште и за Виртус Рома, Бостон селтикс, Панатинаикос, Олимпијакос, Задар и Цибона. Зад себе има две европски клупски титули, како и две европски злата и две олимписки сребра.