Работнички ќе се „заборави“ од гостувања во Црна Гора, Србија и БиХ на дебито во АБА2!

Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив кај нас, екипата на Работнички, од денеска и официјално е член на регионалната АБА2-лига, што ќе биде прв настап на составот од „Градски парк“ во јадранската конкуренција по неколкуте пропуштени шанси на прволигашко и второлигашко ниво.

Центарци во својата дебитантска сезона ќе го одберат силите против дури четири екипи од Црна Гора и тоа Сутјеска, Ловќен, Студентски центар и Подгорица и по три од Србија (Слобода Ужице, Златибор и Младост Земун) и од БиХ (Спарс, Широки и Слобода Тузла). Останатите места во проширената лига со 14 екипи ќе ги пополнат хрватска Горица, словенечки Хелиос и македонскиот шампион МЗТ Скопје или Борац од Бања Лука, во зависност дали Приморска ќе игра во АБА1 или ќе биде исфрлена поради финансиски проблеми. Ако Словенците се „спасат“, тогаш аеродромци ќе играат во АБА2, а тимот од Република Српска ќе извиси, додека ако составот од Копер извиси од АБА1, тогаш неговото место ќе го пополни екипата од „Јане Сандански“, додека Босанците би го добиле местото во АБА2.

Сезоната ќе почне на 23 септември, регуларниот дел ќе се игра до 7 април в година, додека плејофот ќе почне една недела подоцна. Пласман во АБА ќе обезбеди првопласираниот на табелата, додека второпласираниот ќе игра бараж со претпоследниот во елитното јадранско натпреварување.