Работнички има четворица заразени, но може да изненади и да тргне кон Бања Лука!

Екипата на Работнички пријавила четворица заразени кошаркари со Ковид-19 до канцеларијата на АБА2-лигата, за да го оправда фактот што не отпатува за Бања Лука, каде што денеска треба(ше) да го почне настапот на вториот турнир од ова регионално натпреварување.

Центарци „тестирањето“ го направиле завчера, а во текот на вчерашниот ден ги испратиле резултатите на позитивните на коронавирусот, по што останале во Скопје, наместо да тргнат кон босанскиот град каде што се играат натпреварите. Ова значи дефинитивен службен пораз со 0-20 за денешниот натпревар против Спарс, кој е предвиден за од 20 часот, а засега останува отворено прашањето дали идентичен ќе биде епилогот и за преостанатите две предвидени средби на црвено-белите во Република Српска.

Причина што дефинитивно не е познато дали Работнички ќе ги загуби и дуелите со Горица и Златибор со службен резултат, се неофицијалните најави од „Градски парк“ за дополнително заминување кон Бања Лука. Центарци, наводно, добиле дозвола од регионалното натпреварување да може да играат со седум играчи во ростерот, колку што ќе имаат на располагање без четворицата заразени и без Карло Враговиќ, кој во меѓувреме го напушти клубот. Поради ова, опцијата за подоцнежно појавување на турнирот сериозно се разгледува меѓу челниците на 15-кратниот шампион, со цел да се одиграат барем средбите со Горица (четврток) и Златибор (недела), со оглед што дуелот со Спарс секако ќе биде загубен службено.

Во слична ситуација како македонскиот тим е и словенечки Хелиос, кој има дури пет кошаркари позитивни на Ковид-19, но и покрај тоа веќе е пристигнат во Бања Лука, решен да му се спротивстави на МЗТ Скопје во утрешниот прв меч за двата тима на вториот турнир.