Прво па машко: Блокотехна со победа ја почна сезоната во БИБЛ!

Кошаркарите на Блокотехна вечерва победија против бугарскиот прволигаш Академик Бултекс со 89-74 во првиот меч за нив во БИБЛ-лигата.

Дуелот почна израмнето во првите две минути, но потоа Блокотехна ја презема иницијативата, откако Марјан Младеновиќ погоди тројка за водство од 8-4, а како минуваше времето ннашата екипа ја зголемуваше предност, па ја доби првата четвртина со 28-19.

Во втората четвртина беше забележана слична ситуација, како и во првата, но во финишот на првото полувреме Академик стигна на -4 (43-47), но Блокотехна замина на пауза со предност од 50-43.

Бугарскиот прволигаш се обиде и на почетокот на второто полувреме да ја стигне Блокотехна, но не му успеваше, па во последната четвртина македонската екипа влезе со водство од 67-61.

Академик повторно на двапати се приближи на -4 поени зад Блокотехна, но не успеа да го направи посакуваниот пресврт, па Блокотехна на крајот триумфираше со 89-74.

Данило Мијатовиќ кај Блокотехна постигна 37 поени, додека кај бугарскиот тим Васил Бачев беше најефикасен со 21 поен.