Кошаркарите на МЗТ Скопје без поголеми проблеми дојдоа до осмата победа по ред на домашен терен сезонава во АБА2-лигата, откако со одличен шут и поголем број асистенции ја совладаа незгодната Сутјеска (88-78), во меч од 16. коло од регионалното натпреварување.

На „металците“ им требаа 15-тина да се загреат во првиот меч пред своите гледачи во 2020 година, период во кој гостите неочекува доминираа и имаа дури и двоцифрена позитива (33-22). Тоа како да ги налути избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов, кои од тој момент заиграа далеку подобро, на сцена стапи капитенот Дамјан Стојановски со неколку тројки во серија, што резултира со фантастична серија 25-3 за целосен резултатски пресврт.

Од тој момент, до средината на последниот период, на теренот постоеше само тимот од Аеродром, кој дојде и до највисоката предност од 16 поени (67-51). Ова водство, пак, како да ги опушти сино-белите, па црногорскиот тим врати со десет поени во низа и намали на само минус шест (61-67) на пет минути до крајот на средбата.

Но, тоа не ги исплаши кошаркарите на МЗТ Скопје, кои адекватно одговорија на налетот, брзо потоа повторно дојдоа до двоцифрена предност (73-63), која потоа умешно ја задржаа до самиот крај. Мал проблем на двете екипи направи принудната пауза од околу 15 минути по барањето на судиите од салата да се отстранат најверните навивачи на домашниот тим. По мало убедување, тие се оддалечија од теренот, но потоа делителите на правдата побараа празнење на цела сала. И тоа се случи, по што средбата продолжи со среќен крај за домашниот тим.

Аеродромци постигнаа 15 тројки со 50-отстотна прецизност, а имаа и девет асистенции повеќе (22-13), што беа клучните фактори во победата, со која останаа неприкосновени на втората позиција на табелата со учинок 12-4. Стојановски средбата ја заврши со 28 поени, додека Ерон Харис и Бојан Крстевски реализираа по 14 поени. Кај гостите убедливо најдобар беше поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје, Никола Павличевиќ, со дури 36 постигнати поени.

Македонскиот шампион следниот дуел во АБА2-лигата ќе го одигра во вторник и тоа на гости кај поранешниот европски шампион, Сплит.