Перо Антиќ го пропушта и вториот меч сезонава против МЗТ Скопје!

Македонскиот кошаркарски интернационалец Перо Антиќ, ќе почека на можноста после 15-тина години да одигра официјален натпревар против македонска екипа, откако денеска и официјално стана јасно дека нема да биде во составот на Црвена звезда на утрешното гостување кај МЗТ Скопје.

Причина што тројниот европски шампион нема да се појави во „Јане Сандански“ е повредата која ја доби на неодамнешниот меч против Химки во склоп на Евролигата, поради што не настапи ниту на дуелот против Макаби во Тел Авив. Антиќ не играше ниту на првата средба со аеродромци во Белград, исто така поради повреда. Покрај него, во составот на црвено-белите ќе го нема ниту Американецот Џејмс Фелдин, додека свое деби ќе има новото засилување Ален Омиќ.

Проблеми со повредите има и МЗТ Скопје, за кого сигурно нема да настапат Марко Симоновски и Дарко Соколов, а прашање е колку може да помогне и Игор Пенов, кој пропушти поголем број од последните тренинзи. Проблеми со скочниот зглоб има и Бојан Трајковски.

Средбата помеѓу МЗТ Скопје и Црвена звезда ќе се одигра со почеток во 18 часот, а билетите се веќе во продажба по популарна цена од 100 денари.