Поранешен шампионски тренер со МЗТ кариерата ќе ја продолжи во Унгарија!

Екс-тренерот на МЗТ Скопје, Дарко Радуловиќ пред речиси два месеци си замина од косовски Башкими, а денеска си најде нов ангажман и потпиша договор со унгарскиот тим Хубнер Њиреѓхаза, кој е познат како „блу шаркс“.

Хубнер се наоѓа во голема криза бидејќи по 10 одиграни кола нема ниту еден триумф во домашното првенство, а Радуловиќ ќе има шанси за прва победа на 10 декември кога неговиот нов тим гостува кај Будимпешта Хонвед.

Искусниот тренер пристигна како помошник на МЗТ Скопје, по што ја презема улогата на прв тренер по заминувањето од Ѓорѓи Кочов во 2021 година, но неговиот договор беше прекинат во февруари годинава по поразот во Купот на Македонија од ТФТ Скопје (66-80).

Радуловиќ со екипата од Аеродром претходно ги освои трофејот во Купот, шампионската титула во домашното првенство и пехарот во Суперкупот.