Петровиќ и покрај убедливот пораз од Звезда е задоволен од играта на МЗТ!

МЗТ Скопје беше убедливо поразен на гостувањето кај Црвена Звезда (67-87) на стартот од АБА-лигата, но во меч во кој кошаркарите на овој тим не се посрамотија, особено во второто полувреме во кое двете екипи речиси беа во изедначена позиција.

Најверојатно поради тоа, тренерот на сино-белите, Александар Петровиќ, покрај честитките за противникот изрази задоволство од настапот на своите избраници.

„Одигравме колку што можевме против силен евролигашки тим. Бевме подобри во играта во одбрана отколку во нападот. Офанзивно затаивме во одредени моменти, имавме пропусти, но и покрај тоа задоволен сум, најмногу од односот на играчите. Го контролиравме скокот, но имавме повеќе загубени топки, што искусен тим како Црвена звезда ги искористи и тука ја гледам причината за поразот. Игравме без двајца играчи, Еван Максвел и Адем Мекиќ, кои се повредени, но еден од нив двајца очекуван да ни помогне против Партизан“, изјави Петровиќ.

Стратегот на „металците“ уште еднаш повтори дека главна амбиција на аеродромци во новата сезона е е опстанок во АБА. МЗТ следниот меч во регионалното натпреварување ќе го одигра на домашен терен против Партизан и тоа следниот понеделник (10 октомври).