Пелистер го прифати предизвикот - ќе игра во АБА2!

Еден од најамбициозните македонски прволигаши минатата сезона, екипата на Пелистер, ја прифати поканата да биде дел од АБА2-лигата следната сезона, каде што ќе настапува заедно со шампионот МЗТ Скопје.

Битолчани минатата сезона беа првопласирани по регуларниот дел, а потоа загубија во плејоф-полуфиналето против аеродромци. 

„Со големо задоволство ја прифативме поканата за настап во АБА 2. Тоа ќе биде голем предизвик како за кошаркарите и стручниот штаб, така и управата и сигурна сум дека ќе ја оправдаме довербата“, изјави претседателката на Пелистер, Мери Ковачевска.

Со ова дефинитивно паѓаат во вода надежите на Работнички како лански учесник и на Еуро Никел како вицешампион паѓаат во вода, иако постои опција и тие да добијат можност да бидат дел од оваа лига. Но, тоа би било само со добивање специјална покана што се плаќа и тоа во износ од околу 50.000 евра, што е сериозна сума не само за овие два македонски тима.

Засега нема официјална информација за начинот на кој ќе се игра АБА2 следната сезона, но речиси сигурно тоа ќе биде со еднокруќен систем и турнирски, како што беше и во минатиот шампионат. Најверојатно ќе настапат 16 екипи и тоа на три турнири со по пет кола, по што првите осум ќе играат плејоф. Пласман во АБА ќе обезбеди шампионот, а поразениот во големото финале ќе игра бараж со претпоследниот во јадранската елита.