Партизан против Будуќност ќе го сруши рекордот во АБА-листата стар една деценија

После големата победа на белградски Партизан во Болоња во Еврокупот, еуфоријата кај навивачите на црно-белите кулминира, па според најавите на српските медиуми, в недела од 18 часот можно е да биде урнат рекордот во АБА-лигата по посета на еден кошаркарски меч во регионалното натпреварување.

Партизан во белградска Арена го дочекува црногорски Будуќност, бившиот шампион на АБА-лигата, а поради високите тензии на Србија и Црна Гора околу верските објекти, уште повеќе мечот добива на значај, а тензијата станува огромна и сето тоа веројатно би ја исполнила Арена.

Моментно рекордот го држи загрепска Цибона за финалето во 2010 година кога пред 16.200 гледачи, Душан Кецман ги шокираше загрепчани со тројка на 0,7 секунди пред крајот скоро од кош на кош.

Дека сега во Белград се подготвува уривање на рекордот, како што објавуваат српските медиуми е фактот дека, само за „нивото 200“ во Арена, каде може да се сместат 9.000 гледачи, сите влезници се продадени. И бидејќи има уште два дена, многу извесно е дека Арена ќе биде исполнета, а рекордот во АБА ќе падне по една деценија.