„Ова беше вооружен грабеж на Звезда, сакаме судиите да одат на полиграф“

Црвена Звезда синоќа загуби со 78-77 на гостувањето кај Будуќност и сега има негатива од 2-1 во финалната серија во АБА-лигата. Од таборот на „црвено-белите“ се максимално разчарани од судењето на синоќешниот дуел, а првиот човек на клубот Небојша Човиќ вели дека не го признава резултатот. 

Тој утринава најави дека Звезда може да го бојкотира вечерашниот дуел во „Морача“, а потоа и се појави пред новинарите. 

„Засега нема дефинитивна одлука. Нема да играме ако челниците на лигата не направат судиска експертиза. Ние не го признаваме резултатот од синоќешниот дуел, бидејќи се случи неверојатна кражба, вооружен грабеж во третата четвртина“, вели Човиќ.

Првиот човек на Црвена Звезда побарал судиите од синоќешниот натпревар да одат на полиграф, бидејќи верува дека се обиделе да го наместат натпреварот и сето тоа во организација на претседателот на Будуќност, Драган Бокан.

„Јас дадов предлог судиите да одат на полиграф. Тие не ни сакаа да стапат во контакт со нас. Постојат теории кои даваат анализа, кога ќе видите дека човекот е несигурен и кога е дојден да ве покраде. Мајкиќ (еден од судиите) не знаеше каде се наоѓа, тој се плаши сам од себе, а не да суди во ваков амбиент. Што кажува нивното однесување - дека им е непријатно, бидејќи имаат задача која треба да ја спроведат“, додаде Човиќ.

Четвртиот натпревар се игра вечерва со почеток во 21 часот во „Морача“ во Подгорица.