Опасност за МЗТ и Работнички: Црногорец од АБА2 реализира неверојатни 70 тројки по ред (ВИДЕО)

Дека МЗТ Скопје и Работнички против себе ќе имаат силни противници во новата сезона од АБА2-лигата се потврдува и со видеото кое денеска се појави на социјалните мрежи, а на кое се гледа како кошаркар на дебитантот Студентски центар, Феѓа Пајовиќ, постигнува неверојатно 70 тројки по ред.

Станува збор за талент на Будуќност, кој игра како позајмен играч во новиот црногорски претставник во второлигашката регионална конкуренција, а кој е син на поранешен репрезентативец на оваа земја, Гаврило Пајовиќ. „Снајперистот“ е еден од најталентираните кошаркари во Црна Гора во моментов, кој иако е роден пред крајот на 2001 година требаше да игра на ЕП 2020 за играчи до 20 години, кое беше одложено поради пандемијата со коронавирусот.