Новата сала на шпански прволигаш ќе го носи името – Партизан!

Новата сала на шпанскиот прволигаш Фуенлабрада, која се наоѓа во истоименото предградие на Мадрид, ќе го носи името Партизан, во чест на српскиот клуб и на 30-годишнината од најголемиот успех во историјата на белграѓани – освојувањето на титулата во Евролигата.

Причина за ова е конекцијата на двата клуба од сезоната 1991/92, кога црно-белите своите домашни средби ги играа токму во Фуенлабрада поради граѓанската војна во поранешна СФР Југославија. Ова е прв случај кога некоја сала во една држава добива име на клуб од сосема друга земја.

Салата „Партизан“ ќе биде третиот спортски монумент во Фуенлабрада, град со близу 200.000 жители, покрај стадионот „Фернандо Торес“ (славен фудбалер роден во Фуенлабрада) и спортскиот центар „Фернандо Мартин“, прославен шпански кошаркар роден во Мадрид, кој загина во сообраќајна незгода во 1989 година.