Нов удар за Партизан: Тринкиери бара раскинување на договорот!

Тренерот на српскиот кошаркарски клуб Партизан, Андреа Тринкиери, поднесол барање за раскин на договорот.

Оваа вест доаѓа еден ден откако претседателот на клубот од Хумска, Остоја Мијаиловиќ, истакна дека се водат преговори во врска со престојот на италијанскиот стручњак и дека понудата е на маса.

Италијанскиот стручњак, со кого Партизан беше лидер во АБА-лигата минатата сезона пред плејофот и стигна до четвртфиналето на Еврокупот, наводно има понуда до Баерн Минхен, кој игра во Евролигата.

Клубот излезе со услови за следната сезона кон нашиот тренер. Ние јасно ги дефиниравме стратегијата и буџетот за играчите. Ние сè уште вложуваме големи напори да го задржиме Тринкиери на позицијата главен тренер. За жал, Партизан не е толку финансиски моќен во споредба со другите клубови кои имаат неограничен буџет, па дури и во време на глобална пандемија и економска криза. Верувам дека ова ќе се реши брзо, а предуслов за тоа е прво да се реши прашањето за соработка со првиот тренер. Ние направивме одлична понуда, во дадените услови на пазарот можам да кажам дека е навистина супер понудата и сега е на тренерот да се изјасни, истакна Мијаиловиќ во неделата.

Шпекулациите за заминувањето на Тринкиери започнаа откако Партизан објави дека бекот Кори Волден ја платил клаузулата од договорот за да си замине од клубот, а потоа беше откриено дека ќе потпише за Црвена звезда.

Во неговиот договор со Партизан, Италијанецот имал клаузула да побара прекин на соработката со „црно-белите“ до 25 јули.