„Никогаш нема да ја заборавам прославата на двојната круна со МЗТ Скопје“

Српскиот центар Урош Луковиќ веќе трета сезона по ред настапува надвор од Македонија, каде што претходно мина пет години, но тоа не значи дека заборавил каде играл со оглед што речиси во секое интервју потенцира некој момент што му се случил во нашата земја.

Во последниот разговор со новинарите од соседството, меѓу другото, тој го потенцира моментот на прослава на двојната круна со МЗТ Скопје на крајот од сезоната 2015/16. Главна причина за тоа е фактот што до успехот дојде играјќи заедно со својот брат Марко, кој тогаш исто така го носеше сино-белиот дрес на аеродромци.

„За мене прославата на големиот успех заедно со мојот брат е нешто што никогаш нема да го заборавам. Чувството беше неповторливо“, изјави Луковиќ за српските медиуми.

Во Македонија му се случи и да игра против својот брат Марко и тоа како член на Куманово пред да направи трансфер во тимот од „Јане Сандански“. Приказната е уште поинтересна ако се знае дека во тоа време тренер на кумановци беше неговиот татко, Љубисав.

„Морам да признаам дека е чудно татко ти истовремено да ти биде и тренер. Но, на теренот имавме професионален однос и ја заборававме семејната поврзаност. Тој меч против Марко беше знаечаен за тројцата бидејќи такво нешто првпат ни се случи, а уште повеќе што ривалството помеѓу МЗТ и Куманово во тој период беше огромно. На крајот се радувавме јас и татко ми, па долго време потоа имавме причина да го задеваме Марко поради исходот на овој натпревар“, дополни високиот центар.

По шампионската епизода со МЗТ Скопје, Луковиќ премина во Партизан, а потоа и во Морнар каде што ја одработува втората сезона во дресот на црногорскиот шампион.