Нема да му е лесно на МЗТ: Приморска до крај ќе се бори за местото во АБА!

МЗТ Скопје нема толку лесно да го добие местото во АБА-лигата бидејќи мора да види што ќе се случи со Приморска и нивните финансиски проблеми, а денешните информации од Словенија воопшто не се охрабрувачки за македонската екипа.

Директорот на словенечкиот клуб, Горан Јагодник во интервју за српски „Спортклуб“ кажа дека Приморска останува во АБА-лигата.

„Шпекулациите се едно, а реалноста е нешто друго. Ништо се нема променето во однос на минатиот пат кога разговаравме. Единствена промена е тоа што работиме на затворање на финансиските проблеми и создавање на екипа која ќе се натпреварува во АБА-лигата. Собранието е закажано за крајот на месецот, но јас не гледам дека Приморска ќе биде тема на разговор. Ние не кажавме никогаш дека нема да играме во АБА-лигата. Верувам дека наскоро ќе соопштиме радосна вест за сите љубители на кошарката во Словенија и навивачи на Приморска“, соопшти Јагодник.

Доколку успее Приморска да ги реши финансиските проблеми и остане во АБА-лигата, тоа значи дека МЗТ Скопје дефинитивно ќе биде дел од АБА2-лигата и следната сезона.