Не е Антиќ: Црвена звезда ќе стори сѐ да ангажира репрезентативец на Македонија!

Престојот на Перо Антиќ во таборот на Црвена звезда заврши со одигрувањето на последниот меч од минатата сезона без речиси било каква шанси да биде продолжен, но тоа не значи дека во црвениот-дрес во иднина нема да настапува кошаркар кој е носител на македонскиот пасош.

Според српските медиуми, управата на српскиот шампион е сериозно заинтересирана за доскорешниот член на жолто-црвените, натурализираниот Американец Џордан Теодор, кој до неодамна настапуваше за Армани Џинс. Преговорите, наводно, биле во тек и наскоро ќе се знае колку е реално и следната сезона да гледаме македонски интернационалец во дресот на Ц. Звезда. Теодор 2017 година беше МВП на Лигата на шампионите на ФИБА како играч на Банвит, но не се прослави во настапите за Македонија на ланските претквалификации за СП 2019 во кои се посрамивме против Косово и Естонија.

Србите овој трансфер, сепак, го врзуваат со Антиќ, кој, според нив, бил најзаслужниот што Теодор добил наш пасош, што дефинитивно е ептен далеку од вистината. Американецот беше натурализира од раководството на МКФ предводено од Петар Наумоски, со кое Антиќ подолг период е во војна, поради што ваквата констатација на српските медиуми е нешто повеќе од – евтин сензационализам.