Назор им се реваншира на „своите“: Бевме со една нога во гроб, сега сме барем надвор од него!

Тренерот на Задар, Анте Назор, беше задоволен од победата на неговиот тим во вечерашниот „да се биде или не“ дуел за овој тим против МЗТ Скопје, но не се радуваше премногу бидејќи до пред две години беше дел токму од екипата од Аеродром.

Тој ја потенцира големата волја на своите играчи кои се вратија откако во два наврати беа во двоцифрена негатива.

„Таков е животот и спортот, им честитам на моите играчи, затоа што бевме со една нога веќе во гробот пред овој меч, а сега барем излеговме од него. Покажавме карактер, и на двоцифрен минус и тоа во два наврати не се откажувавме. Покажувавме иницијатива дека сакаме да се вратиме. Имавме недостаток во играта, посебно во скокот, работи кои мора да ги исправиме ако сакаме да бидеме вистинските во 'мајсторката'“, изјави Назор.

Хрватот е последниот шампионски тренер на МЗТ Скопје, кој седеше на клупата во сезоната 2016/17 кога „металците“ во големото финале го победија Карпош Соколи.