„Нашиот“ Џикиќ со шмекерски потег ги одушеви сите од Вардар па сѐ до Триглав!

Поранешниот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Џикиќ, денеска е во центарот на вниманието на јавноста на просторот на поранешна СФР Југославија и тоа поради шмекерскиот потег што го направи на прес-конференцијата пред стартот на Суперкупот во АБА-лигата.

Српскиот стратег, кој втора сезона по ред ќе го предводи Будуќност, побара на крајот малку да ја приватизира средбата со новинарите и јавно да му се заблагодари на тренерот на Игокеа, Ненад Трајковиќ, против кого вечерва ќе го одигра мечот од четвртфиналето на ова воведно регионално натпреварување.

„Ненад, ти благодарам на сѐ што направи за мене во 1993 и 1999 година. Ми го смени животот и го направи многу подобар“, емотивно и делумно со солзи на лицето, Џикиќ му се обрати на својот некогашен ментор, а сега противнички стратег.

Нашиот некогашен селектор, кој ја одведе Македонија на ЕП 2015 во Загреб, но не доби шанса да ја предводи таму поради кавга со сегашното раководство на МКФ, соработувал со Трајковиќ во Партизан и тоа во периодот помеѓу 1991 и 1994 година кога работел во младинските категории како и во 1999 година кога бил негов помошник во првиот тим на црно-белите.

Суперкупот на АБА, инаку, се игра во Лакташи (БиХ), каде што вечерва прво ќе настапат Морнар и Партизан (18 часот), а потоа Будуќност и Игокеа (20.30 часот).