Најдобриот кошаркар во НБА се врати во репрезентацијата на Србија!

Кошаркарската репрезентација на Србија ќе биде исклучително силна на претстојниот Евробаскет (1-18 септември) во Грузија, Чешка, Германија и Италија, откако утринава официјално е потврдена веста дека во националниот тим се враќа двократниот МВП во НБА – Никола Јокиќ.

Тој нема да биде дел од селекцијата на северниот сосед во јунските квалификациите за СП 2023, последни од првата фаза, но ќе му се стави на располагање на селекторот Светислав Пешиќ за августовскиот прв циклус од втората квалификациска фаза за Мундибаскетот, како и за континенталниот собир.

Србија на ЕП 2022 е во групата што се игра во Прага, во која уште се Холандија, Финска, Полска, Израел и домаќинот Чешка. Пласман во четвртфиналето ќе обезбедат четирите најдобри репрезентации, кои ќе „вкрстат“ со групата Д од Милано, во која покрај Италија ќе настапат Грција, Естонија, Украина, Велика Британија и Хрватска.