Се „крчка“ ново откажување: (По)голема шанса за МЗТ или најава за крах на АБА-лигата!?

Црногорскиот тим Морнар, разочаран што денеска не доби покана за настап во Еврокупот следната сезона, најави дека сериозно ќе го преиспита играњето во АБА-лигата, најмногу поради фактот што учинокот на теренот не е награден на соодветен начин.

Екипата од Бар е лута поради фактот што прво беше надгласана во делот на продолжување на сезоната прекината поради пандемијата со коронавирусот, а потоа и неправедно сместена на позиција која не води во второто по квалитет европско клупско натпреварување. Морнар во моментот на прекин формално беше петтопласиран, но само поради начинот на пресметување на пласманот во текот на сезоната (според кош-количникот), со оглед на подобриот меѓусебен скор со директниот конкурент Цедевита Олимпија.

Да се одиграше последното коло, со евентуална победа на гости кај аутсајдерот Мега Бемакс, црногорскиот тим и формално ќе го потврдеше местото во плејофот, а со тоа и во Еврокупот. Поради тоа, разбирлива е лутината кај првите луѓе на овој амбициозен состав.

„Бордот на Еврокупот да го направеше тоа што го стори Евролигата и да ги задржеше истите екипи од оваа и за следната сезона, немаше збор да кажеме. Но вака, единствено што може да кажа е - срамота. Во моментот на прекинот имавме обезбедено место во плејофот, а со тоа и во Еврокупот. Гарантирам дека ако ситуацијата беше обратна, тогаш ние ќе му го препуштевме местото на ривалот кој ќе беше подобар од нас. Во периодот кој следува ќе го преиспитаме нашето понатамошно учество во АБА, бидејќи не гледаме зошто би играле во натпреварување во кое не се вреднуваат резултатите остварени на паркетот“, изјави претседателот на Морнар, Ѓорѓије Павичевиќ.

Ваквите закани од Бар би можеле да ги олеснат шансите на МЗТ Скопје за враќање во јадранската елита, со оглед што македонскиот тим и официјално е прва резерва за пополнување на евентуално испразнето место, без разлика на причината. Аеродромци досега го „пикираа“ местото на Копер Приморска која е во големи финансиски проблеми, но се отвора можност и за уште една „дупка“ во списокот екипи кои би играле во АБА следната сезона.

Прашање е дали Морнар ќе ги оствари заканате кажани во лутина, но ако тие се остварат, тогаш тоа би било знак и за некаков крах на регионалното натпреварување, со оглед што од оваа сезона АБА нема гарантирано место во Евролигата.