МЗТ заморен од долг пат и со многу болни ќе проба да го преслуша првакот на БиХ!

Кошаркарите на МЗТ Скопје се во мини-серија од два порази по ред во АБА2-лигата, која би сакале да ја прекинат уште на вечерашното гостување кај босанскиот шампион Широки (18 часот), со што би го направиле и клучниот исчекор за потврда на втората позиција пред плејофот.

Тимот од хрватскиот дел на БиХ во моментов е најсериозниот ривал на аеродромци во обидот да се осигура предност на домашниот терен во полуфиналето од доигрувањето во регионалното натпреварување, поради што евентуалниот успех би бил ептен голем. Но, тоа воопшто нема да им биде лесно на сино-белите, кои во натпреварот ќе влезат по долгиот пат по лошите временски услови, како и со неколкумина со здравствени проблеми.

Според последниот здравствен билтен од таборот на македонскиот првак, скоро половина тим се бори со настинка, поради што дури пред самиот почеток на средбата ќе се знае на кого ќе може да смета тренерот Ѓорѓи Кочов за овој исклучително важен дуел.

„Пред нас е тешко гостување, пред сѐ во делот на долгиот пат кон БиХ. Згора на тоа, имаме проблеми со болни играчи, што дополнително ни ја отежнува ситуацијата. Ќе биде тешко да се совлада Широки на негов терен, но мислам дека не сме без шанси. Мора да ја спречиме нивната игра во транзиција, како и да бидеме најмалку изедначени во скокот. Очекувам правилен пристап од моите кошаркари, а не смееме во ниту еден момент да делуваме летаргични, особено не во одбраната, која мора да биде компактна ако сакаме да неутрализираме играчите со кои располага противникот“, изјави Кочов.

МЗТ Скопјево моментов има учинок 12-6, односно две победи повеќе во однос на противникот од БиХ. Аеродромци сигурно ќе сторат сѐ за да дојдат до триумф, но ако веќе нема да можат да го сторат тоа, ќе се обидат да загубат со негатива помала од 12 поени, за да бидат подобри во меѓусебниот скор во случај двете екипи да имаат ист број бодови на крајот.