МЗТ со минута молчење се збогува со својот поранешен тренер – легендарниот Буштур (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва го играат натпреварот од 18. коло од АБА2-лигата против Хелиос, пред чиј почеток присутните во салата со едноминутно молчење му оддадоа почит на поранешниот тренер на овој тим и легенда на македонската кошарка, Благоја Георгиевски.

Популарниот Буштур ноќеска загина во тешка сообраќајна несреќа во Кисела Вода и тоа во пресрет на својот 70. роденден. Денешниот ден мина во трогателни збогувања со некогашниот југословенски репрезентативец и селектор на Македонија, а речиси да немаше кошаркар и кошаркарски работник во државата, но и во регионот кон не искажа сочувство на неговото семејство и пријатели.

Мечот во Аеродром се игра пред празни трибини поради казната која македонскиот шампион ја доби по претходниот домашен дуел со Сутјеска. По првото полувреме, „металците“ водат со 47-39.