МЗТ Скопје во Лакташи го брка првиот „брејк“ сезонава во АБА!

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва му гостуваат на тимот на Игокеа (21 часот) во обид да ја потврдат добрата форма по триумфот на домашен терен над Мега МИС минатата недела, со што би дошле до првиот „брејк“ сезонава во АБА.

Евентуален успех на гостувањето во Лакташи би значел голем исчекор на аеродромци во борбата за опстанок во јадранската елита, која според сегашниот однос на силите ќе ја водат до самиот крај со Сплит и со Борац Чачак. Секој триумф на терен на противникот е злато вреден во оваа конкуренција, што е мотив плус за четата предводена од тренерот Александар Петровиќ.

„Очекувам добар натпревар бидејќи Игокеа е една од екипите кои играат најубава кошарка во АБА. Најопасна им е надворешната линија, на која ќе посветиме внимание при подготовката за дуелот. Ако успеееме да ги сопреме нивните бекови и ја исконтролираме играта два на два, тогаш ќе може да се надеваме на добар резултат. Во Лакташии сигурно нема да одиме да се предадеме однапред, туку одиме да се бориме до крајот. Ако ни се укаже можност, ќе сториме сè да го изненадиме силниот домаќин“, изјави Петровиќ.

„Металците“ досега против Игокеа имаат скор 6-6, додека на средбите на теренот на противникот имаат 2-4, што е показател дека знаат да победуваат на теренот во БиХ. Средбата ќе биде директно пренесувана на МТВ-3 и на регионалната Арена спорт телевизија.