Кошаркарите на МЗТ Скопје го претрпеа четвртиот пораз сезонава во АБА2-лигата и тоа во вечерашната пресметка против директниот ривал за највисок пласман, Борац од Чачак (73-95).

Аеродромци отворија со четири поени во низа, но домаќинот потоа врати со серија 17-2 за првото двоцифрено водство (17-6) по нецели седум минути игра. Српскиот тим со тоа дојде до предност која умешно ја задржа до самиот крај, без разлика на обидите на гостите од Скопје за каков-таков пресврт. „Металците“ најмногу што направија е „спуштањето“ на негативата на осум поени (38-46) на стартот од третиот период, но следуваше нова одлична серија на Борац, кој со 13-3 повторно се одлепи за недостижна предност (59-41).

Преголемиот број дозволени офанзивни скокови (15) и премногуте загубени топки (21) се покажаа како клучни фактори за неуспехот на МЗТ Скопје. Македонскиот претставник останува вторпласиран со учинок 11-4, додека составот од Чачак е лидер со две победи повеќе. Добра вест за сино-белите од Аеродром е поразот на Широки на гостувањето кај Нови Пазар (103-87) поради што ја задржаа предноста од две победи пред најблиските конкуренти.

Ѓорѓе Милошевиќ со 15 поени беше најпрецизен кај „металците“, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Џабари Хиндс со 13 и Марин Морнар со 11 поени. Следен јадрански противник за МЗТ Скопје е црногорска Сутјеска, која во „Јане Сандански“ ќе гостува следната среда.