МЗТ Скопје се засили на позицијата на која дефинитивно е – најтенок!

Македонскиот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје, обезбеди дополнителна опција во играта по кошевите, каде што сезонава дефинитивно е најтенок, откако денеска го официјализира ангажманот на српскиот кошаркар со словенечки пасош, Бојан Радуловиќ (27 год., 211 см).

Станува збор за центар со искуство од најсилната АБА-лига, во која настапуваше прво со Металац Ваљево, а потоа и две сезони со Унион Олимпија и во која одигра вкупно 45 натпревари. Тој во Аеродром доаѓа од словенечкиот прволигаш Тајфун од Шентјур, каде што на седум средби сезонава имаше просек од 9,4 поени и 6,9 скока.

Радуловиќ кариерата ја почнал во тимот на Спартак од родната Суботица, по што има играно за Електра Шоштањ, Олимпија во два наврати по три сезони, Хелиос, Шкофја Лока и Копер Приморска. Лани, со „змајчеки“ од Љубљана, беше шампион на Словенија.

Неговата помош и тоа како добро ќе им дојде на Бојан Крстевски, Андреј Маслинко и Марин Морнар, кои по заминувањето на Нуни Омот сами ја водеа битката со противничките центри. Дебито на Радуловиќ се очекува в четврток против Широки во меч од 8. коло од АБА2-лигата, ако дотогаш се завршат сите процедури околу неговото лиценцирање за новиот клуб.