МЗТ Скопје ќе проба и по третиот меч да остане непоразен во АБА2-лигата

Кошаркарите на МЗТ Скопје ќе се обидат и по вечерашната пресметка на домашен терен против Рогашка (19 часот) да останат непоразени во новата сезона во АБА2-лигата, откако во претходните две гола беа подобри од ОКК Слобода Тузла (дома) и од Спарс (гости).

Аеродромци во меѓувреме имаа победнички старт и во домашната Прва лига и тоа против Кожув во Гевгелија, еден од најжешките гостински терени во новиот шампионат, што и тоа како ја зголеми самодовербата кај играчите и стручниот штаб. Тренерот Ѓорѓи Кочов полека им наоѓа вистинско место на сите расположиви сили, а засега на регионалната сцена доминираат двајца од тројцата странци со кои располаха, Кениецот Нуни Омот и Американецот Џабари Хиндс, кои беа избрани за најкорисни играчи во првите две рунди.

„Рогашка летово формира сериозен тим со многу искусни кошаркари. Ангажираа двајца плејмејкери од Приморска, имаат добар Американец на центарската позиција и на првите две средби покажаа дека сигурно ќе бидат меѓу екипите кои ќе се борат за самиот врв во АБА2, која сезонава е далеку поизедначена. На нас е да одиграме максимално, да бидеме борбени и пожртвувани и ако го сториме тоа тогаш ќе може да се надеваме на позитивен исход“, вели тренерот Кочов.

Словенечкиот тим има високи амбиции сезонава, но и покрај тоа, тренерот Дамјан Новаковиќ смета дека МЗТ Скопје е голем фаворит и дека за неговиот тим ваков меч е ептен лесен за играње бидејќи нема што да загуби.