МЗТ Скопје и Работнички ќе „војуваат“ во Сараево и тоа – точно на пладне!

Веќе е познат датумот, часот и местото каде и кога ќе се одигра првиот дуел надвор од Македонија во досегашната историја на вечното дерби помеѓу МЗТ Скопје и Работнички во склоп на АБА2-лигата.

Најголемите кошаркарски ривали ќе ги одмерат силите на 3 март во Сараево и тоа во крајно невообичаен термин, во кој и најверојатно досега никогаш не играле – точно на пладне. Тоа ќе биде дуел од осмото коло од регионалното натпреварување и тоа со надеж дека ситуацијата ќе биде како што треба и нема да има вонредна состојба како на претходниот турнир во Бања Лука, каде што центарци не отпатуваа поради неколкумина заразени со Ковид-19.

Двете македонски екипи во овој релативно непопуларен термин, особено за работен ден, ќе одиграат уште по еден меч на „балонот“ во Сараево. За МЗТ Скопје тоа ќе биде пресметката со Ловќен на 5 март, додека третиот меч на турнирот ќе го одиграат Младост Земун (7 март) со почеток во 16 часот. Работнички, пак, втората пресметка во босанската престолнина ќе ја има против Широки на 5 март од 16 часот, додека вториот пладневен дуел ќе им биде во последното коло од „балонот“против Широки на 7 март.

По првите два турнири, на Златибор и во Бања Лука, „металците“ од Аеродром се на седмата позиција со скор 4-3 додека црвено-белите од „Градски парк“ се претпоследни со учинок 2-5. АБА2-лигата сезонава се игра еднокружно, а пласман во плејофот ќе обезбедат најдобрите осум екипи. Последниот „балон“ од регуларниот дел е веќе закажан за периодот од 22 до 28 март и тоа повторно на Златибор.