МЗТ Скопје и Работнички ќе почекаат на стартот на АБА2 и тоа дури до - октомври!

Македонските претставници во АБА2-лигата, екипите на МЗТ Скопје и на Работнички ќе почекаат на стартот на сезоната, откако денеска беше донесена одлука за пролонгирање на почетокот на двете јадрански натпреварувања поради сѐ поголемата криза во регионот со пандемијата со коронавирусот.

Според новите насоки, донесени на денешното Собрание на АБА, второлигашката јадранска лига ќе почне на 1 октомври, додека членовите на елитата првите средби ќе ги одиграат два дена подоцна. Ова воедно значи двонеделно пролонгирање на првичните замисли, кое може да биде и зголемено ако не се намали бројот на заболени со Ковид-19 на просторот на поранешна СФР Југославија. Најголем проблем за екипите се патувањата, особено што две од земјите кои имаат учеснички се членки на Европската унија (Словенија и Хрватска), каде што важат поригорозни правила за патувања во однос на останатите држави (БиХ, Црна Гора, Србија и Македонија).

На состанокот беше разгледан и усвоен Здравствениот протокол за Ковид-19, од кој најмногу се дискутираше за делот за задолжително тестирање на сите во екипите пред секој натпревар, што носи дополнителен финансиски трошок до 50.000 евра, во зависност од државата. Дури и богати екипи како Цедевита Олимпија се побунија на овој дел, односно побараа лигата да најде начин да го олесни овој сегмент на клубовите со наоѓање спонзор и партиципирање во трошоците.

Истовремено, напоменато е дека челниците на АБА разгледуваат и други модели за одигрување или, пак, доигрување на сезоната во случај на прекин поради пандемијата, меѓу што најреална варијанта е играње според турнирски модел.