МЗТ Скопје го полага најтешкиот испит кај наскапиот тим во АБА2-лигата!

Кошаркарите на МЗТ Скопј, коие со две победи на домашен терен ја почнаа сезоната во АБА2-лигата, вечерва го имаат најтешкиот испит во ова натпреварување и тоа на гости кај најголемиот фаворит и тимот со најголем буџет – словенечка Сикст Приморска (18 часот).

Тоа ќе биде дуел на две од трите досега непоразени екипи (заедно со Сплит), кои важат за најсериозни кандидати во борбата за врвот од табелата. Составот од Копер е искусен и квалитетен, а според тренерот на „металците“, Ѓорѓи Кочов, тој и сезонава сосема рамноправно би се натпреварувал во АБА-лигата. Но, сето ова само ќе биде мотив плус за сино-белите од Аеродром, кои на средбите против Хелиос и Борац Чачак покажаа дека на нив мора најсериозно да се смета во пресметката за промоција во елитата.

„Ова е исклучително значаен меч за двете екипи со оглед што и тие и ние атакуваме на самиот врв од табелата. Првите две средби покажаа дека почнуваме да функционираме како што треба, иако има уште многу простор за подобрување со оглед што е сам старт на сезоната. Агресивноста мора да остане наш заштитен знак и на овој дуел, а не смееме да му дозволиме на противникот да го диктира ритамот. Свесни сме што нѐ очекува и верувам дека може да ја продолжиме низата победи во АБА2“, вели Американецот во таборот на МЗТ Скопје, Лестер Медфорд.

Македонскиот вицешампион во Копер замина комплетен, но во тимот има неколкумина со полесни повреди, како Марко Симоновски и Дамјан Стојановски, кои, сепак, ќе настапат на овој исклучително важен дуел. Средбата ќе биде директно пренесувана на Арена Спорт телевизијата.