МЗТ Скопје го игра мечот на сезоната во кој мора да – победи!

Кошаркарите на МЗТ Скопје попладнево ќе го пречекаат Борац Чачак (16 часот) во пресметката која самите ја нарекуваат „меч на сезоната“ со оглед што против себе го имаат најголемиот ривал во борбата за опстанок во АБА, кого едноставно – мора да го победат.

Аеродромци имаа победа повеќе во однос на ривалот и со евентуален денешн успех би направила солидна предност во пресрет на вториот дел од сезоната. Во тимот ќе го нема Бре Ајви, кој се пресели во Полска, но од „Јане Сандански“ најавуваат голема борба со играчкиот кадар што во моментов му е на располагање на тренерот Александар Петровиќ.

„Играме со тим кој е далеку подобар од она што го покажува нивниот настап во АБА. Тој ќе дојде со нов тренер Дејан Мијатовиќ, одличен и искусен стратег, кој сигурно ќе ги среди работите во таборот на Борац. Наше е да одиграме добро и да го почитуваме она што го договоривме на тренинзите. Ако одиграме така, тогаш ќе бидеме блиску до посакуваната победа. Ги повикувам навивачите да дојдат на трибините и повторно да бидат нашиот шести играч. Ова дефинитивно е меч на сезоната за нас“, изјави Петровиќ пред мечот.

Ова ќе биде прв дуел за овие два тима во елитната регионална конкуренција, додека меѓусебниот скор во АБА2-пресметките е 2-2 со тоа што секоја од екипите победувала на средбите пред своите гледачи. Мечот ќе биде пренесуван на МТВ-3 и на регионалната Арена спорт телевизија.