МЗТ Скопје брка петта победа во низа против поранешен трикратен првак на Европа!

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ќе го одиграат мечот од 17. коло од АБА2-лигата и тоа на гости кај поранешниот трикратен европски шампион, екипата на Сплит (19 часот), во меч во кој двете екипи влегуваат со императив за победа.

Аеродромци најавуваат голема борба за триумф кој ќе ги остави во битка за првото место на табелата, односно со која ќе го продолжат притисокот врз Борац Чачак, кој во моментов има две победи повеќе од нив. Сплиќани, пак, бркаат место во плејофот, поради што ќе сторат сѐ за да дојдат до бовоите во дуелот со македонскиот шампион.

Тренерот на сино-белите, Ѓорѓи Кочов, е добро запознат со квалитетите на ривалот, кого многу го цени, но верува дека неговите момци би можеле да бидат тие што ќе се радуваат на крајот.

„Сплит и пред сезоната беше мој фаворит во борбата за највисок пласман, бидејќи има квалитетен и талентиран состав, а доказ за тоа е и неодамнешната победа над Цибона. Свесни сме дека противникот ќе стори сѐ за да нѐ победи, бидејќи тоа им е неопходно во борбата за плејофот. Но, без разлика што Сплит е засилен во однос на првата средба, ние не патуваме во Хрватска со бело знаме. Ако успееме да го контролираме резултатот за да бидеме во егал-ситуација до самиот крај и ако го исконтролираме скокот, тогаш ќе имаме добри шанси да се вратиме со триумф“, вели младиот стратег на „металците“.

МЗТ Скопје досега има одиграно пет натпревари против Сплит во јадранските натпреварувања, во кои е во серија од четири победи, откако го загуби првиот на гостувањето во легендарното „Грипе“ во веќе далечната 2012 година.