МЗТ Скопје без двајца стартери на мегдан против „своите“ од Сутјеска!

Македонскиот претставник во АБА2-лигата, екипата на МЗТ Скопје, утре го продолжува настапот во регионалното натпреварување и тоа во „Јане Сандански“ против Сутјеска (19 часот) во меч во кој ќе стори сѐ за да ја продолжи низата од шест победи по ред на домашен терен од почетокот на сезоната.

Тоа нема да биде лесна задача за избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов, со оглед што на спротивната страна ќе биде искусен состав, кој иако има две победи помалку од „металците“, сепак, има состав кој мора да се респектира.

Во Сутјеска настапуваат Никола Павличевиќ и Радосав Спасојевиќ, кои минатата сезона играа за тимот од Аеродром, што сигурно ќе донесе дополнителни мотиви кај двајцата да го дадат својот максимум. МЗТ Скопје згора на тоа ќе игра без двајца стандардни првотимци и македонски репрезентативци, Љубомир Младеновски и Дарко Соколов поради повреди на раката односно коленото.

„На гости ни доаѓа екипа која во досегашниот дел од првенството во АБА2 прикажа доста добри игри и која мораме ептен сериозно да ја сфатиме. Двата најголеми адути на противникот воедно се и наши поранешни кошаркари, кои сигурно ќе влезат исклучително мотивирани во овој натпревар. Ослабени сме со неиграњето на Младеновски и Соколов, но очекува останатите во тимот да излезат на паркетот максимално решително и мотивирано и да го надополнат нивното отсуство“, вели тренерот Кочов.

Аеродромци во моментов се третопласирани во АБА2 со скор 6-3 додека Сутјеска е на деветото место со учинок 4-5. Ова воедно е и последен домашен меч годинава за македонскиот вицешампион во регионалното натпреварување, со оглед што потоа ги очекува низа од три гостувања по ред.