МЗТ објаснува: АБА без да нѐ праша ни го наметна ужасниот термин за Партизан!

Кошаркарите на МЗТ Скопје следниот понеделник ќе го одиграат првиот домашен меч во АБА-лигата по пауза од четири години и тоа против евролигашот Партизан, меч кој предизвика огромен интерес во јавноста, но и контроверзи со оглед на терминот кој првично беше нормален (21 часот), а потоа ужасен (16 часот), барем според реакциите во јавноста, но и на самиот клуб.

Аеродромци со денешно соопштение се обида да им објаснат првично на своите навивачи, а потоа и на другите вљубеници во кошарката во државата, зошто средбата што се очекува да биде спектакл пред полни трибини мора да ја одиграат во ран термин во работен ден.

„И самите бевме шокирани од информацијата што ја добивме од канцеларијата на АБА за промена на терминот, без конкретно и валидно објаснување, со префрлање на топката на телевизијата Арена спорт, која, пак, не излезе со официјален став за ситуацијата. Но, пропозициите на регионалното натпреварување се јасни, а тоа е дека лигата и Арена спорт го имаат ексклузивното право за одредување термини, додека домаќинот не се прашува ништо. Го разбираме револтот на нашите навивачи и симпатизери што играме во ептен ран термин во работен ден и го делиме нивното разочарување, но сакаме да знаат дека нашиот клуб и покрај сите напори, притисоци, користење врски и конекции стори сѐ за да се врати првобитно одреденото време, но не успеавме во тоа. Искрено се извинуваме, но постојат работи кои едноставно не сме доволно моќни да ги смениме, за разлика од некои други учесници во натпреварувањето“, се вели во првиот дел од соопштението.

Челниците на македонскиот шампион и покрај неправдата која им е нанесена, како што велат самите, апелираат до навивачите в понеделник да дојдат во што поголем број во „Јане Сандански“.

„Апелираме до сите на кои во вените им тече плаво-бела крв, но и до тие што имаат симпатии кон МЗТ Скопје и го сакаат кошаркарскиот спорт, неправдата што ни е нанесена да ја сфатат како дополнителен мотив да сторат сѐ и да се најдат на трибините во салата „Јане Сандански“. Ова е идеална шанса да покажеме единство и во несекојдневна ситуација и да докажеме дека Аеродром е населба која и покрај сите проблеми и неправди, секогаш и во сѐ стои зад своите миленици во плаво-бела опрема. Се гледаме в понеделник на трибина!“, завршуваат „металците“.

МЗТ првиот меч сезонава во АБА го одигра во саботата, кога загуби на гостувањето кај Црвена Звезда (67-87).