Кошаркарите на МЗТ Скопје по трите порази во низа, конечно дојдоа до вториот триумф сезонава во АБА-лигата, откако вечерва, по голема борба, ја совладаа Мега МИС (94-82) во меч од 8. коло од регионалното натпреварување.

Аеродромци клучната предност ја обезбедија со серија 11-2 во вториот период кога негативата од четири поени ја претворија во првото поопипливо водство (38-33) со кое го најавија крајниот епилог. Гостите до крајот на првото полувреме спуштија на минус два (38-40), но сино-белите со нова слична серија го почнаа третиот дел од мечот, но овој пат со 9-2 дојдоа до 49-40.

Агресивните гостите не се предаваа, играа брзо и силно, што резултираше со речиси тројно повеќе изведени слободни фрлања. Тоа, заедно со подобриот скок дотогаш, ги одржуваше во живот се до крајот на мечот. Македонскиот првак играше тимски, постојано имаше неколку расположени кошаркари, за на крајот тоа да биде новакот Александар Бурсаќ, кој врза две тројки за највисоки на мечот 73-63 за домашниот тим. Точка на победата ставија Мајк Кефи и Дамјан Стојановски со тројка и Страхиња Миќовиќ со кош по офанзивен скок за 90-73, на две минути до крајот.

МЗТ одигра ептен тимски и колективно, за што говори и фактот што дури седум кошаркари на крајот имаа двоцифрен поентерски ефект. Бре Ајви со 15 поени, четири скока и шест асистенции беше најдобар кај македонскиот претставник, додека Војдан Стојановски и кафи постигнаа по 12 поени.

Следен противник за составот од Аеродром во АБА е босанска Игокеа, меч закажан за следната недела.