МЗТ и Работнички испишуваат историја: Прво вечно дерби надвор од Македонија!

Денешниот ден дефинитивно ќе остане запишан во историјата на вечните кошаркарски пресметки помеѓу МЗТ Скопје и Работнички, со оглед што денешната пресметка на турнирот од АБА2 во Сараево ќе биде прва одиграна надвор од Македонија, но и во убедливо најран термин од сите досегашни (11 часот).

Двата тима влегуваат со променети состави, што посебно важи за центарци, кои имаат дури тројца нови странски кошаркари, кои треба да ги заменат заминатите Карло Враговиќ и Девон Вашингтон. Тренерот Димитар Мираковски на располагање ќе ги има Филип Бундовиќ, Мирко Мулалиќ и Рајнер Торнтон, меѓу кои првиот веќе имаше фантастично деби во триумфот против Еуро Никол минатата сабота. Аеродромци, пак, на располагање ќе го имаат Американецот Френ Тарнер, искусен плејмејкер кој треба да ја пополни празнината по заминувањето на Доминез Барнет, а претходно и на Тодрик Гочер.

МЗТ во дуелот влегува со скор 4-3, додека Работнички има учинок 2-5 по трите службени порази на претходниот турнир во Бања Лука, каде што не отпатува поради проблеми со коронавирусот. Триумфот е императив за двата тима, чија примарна цел е пласман во плејофот во кој ќе се најдат осумте најдобри екипи. АБА2 се игра еднокружно, голем број екипи се изедначени поради што секој бод ќе биде злато вреден и за двата македонски тима.

Средбата ќе биде пренесувана на каналите на Арена спорт телевизијата.