Кошаркарите на МЗТ Скопје со пораз ја почнаа новата сезона во АБА, откако вечерва загубија на гостувањето кај Црвена Звезда (67-87), што беше апсолутно очекуван епилог со оглед што против себе имаа евролигаш кој е актуелен победник во регионалното натпреварување.

Ќе остане запишано само дека аеродромци први постигнаа поени на мечот и поведоа со 3-0, но тоа беше сѐ од нивна страна, барем во делот на иницијативата и водството. Првата четвртина мина со многу промашувања на двете страни и мал број поени (13-9), со тоа што црвено-белите во последните секунди ја постигнаа првата тројка за нешто поопипливо водство. Но, затоа во вториот период тие заиграа далеку подобро и со 26-13 резултатски се одлепија за убедливи плус 17 на крајот од првото полувреме (39-22).

Третата четвртина, неочекувано, мина во брза и ефикасна кошарка, во која Ц. Звезда прва „запна“ па со серија 14-2 дојде до највисокиот на мечот плус 27 (60-33). Но, тоа не ги исплаши момците во сино-бело, кои почнаа да погодуваат од далечина во низа, па набрзо негативата ја спуштија под 20 поени. Во овој период за одбележување се четирите поени во еден напад први на Страхиња Миќовиќ, а потоа и на Војдан Стојановски, што е раритет не само за меч од АБА-лигата туку и воопшто. Последните десет минути минаа речиси во наизменично поентирање на двете екипи, поради што предноста на домашниот тим остана приближно во границата од првото полувреме.

В. Стојановски со 17 поени, Бојан Крстевски со 14 и Миќовиќ со 12 поени беа најпрецизните кај МЗТ Скопје на вечерашната средба, додека за одбележување е и официјалното деби на Самет Јигитоглу во дресот на македонскиот шампион со дабл-дабл остварен со 12 поени и дури 14 скока, од кои пет офанзивни.

Македонскиот претставник во АБА ќе има слично тешка задача и во следното коло во регионалната лига, со оглед што во Скопје ќе гостува вториот белградски евролигаш, тимот на Партизан (16 часот).