Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје ја продолжи победничката серија со четврти триумф во регионалната АБА2-лига, откако вечерва го победија Борац Чачак во дербито на непоразените (76-69), по што „штрковите“ сега се единствени со максимален ефект по четири кола во второто по ранг регионално натпреварување.

МЗТ Скопје добро се испоти и се измачи за да го победи српскиот клуб и до триумфот стигна во последната четвртина, откако доста лошо ги одигра вториот и третиот период, па на средина од третата четвртина имаше дури и негатива од десет поени (51-61), но металците успеаа да се вратат предводени од Нуни Омот и Џабари Хиндс, кои во клучниот момент постигнаа пет поени за да го одијат последниот обид на чачани да се вратат во мечот.

Откако беа во негатива до две минути по стартот на последната четвртина (59-64), МЗТ направи суперсерија од 10-0 за да исчекори кон победата со водство од 69-64, а кога Борац се доближи на само кош разлика (69-67), следеше тројка на Омот, па два поени на Хиндс на три минути до крајот за практично да го решат мечот.

Борац немаше повеќе сила за кам-бек, а до крајот следеа серија промашувања на двете страни, по што МЗТ славеше со 76-69 и во победата Дамјан Стојановски погоди 16 поени, Омот имаше 14 со седум скока, а Хиндс даде 15 поени со три асистенции. Бојан Крстевски со 11 поени беше уште со двоцифрен ефект, а Андреј Магдевски даде девет поени.

Кај гостите Џонс со 22 поени беше најефикасен на мечот, Ѓоковиќ даде 11, а Кочовиќ погоди десет поени.

Македонскиот првак одлично го почна мечот, по првите десет минути имаше плус седум (18-11), стигна и до највиски плус десет на половина од вториот дел и потоа следеше неверојатен пад, во кој МЗТ успеа во втората половина од тој период да даде само четири поени, а Борац дури 15 за предност од еден поен на паузата (38-39). Успеа МЗТ да се врати на стартот на вториот дел, кога имаше 49-43, а потоа следеше серијата од 2-12 на гостите за најубедливи десет предност (51-61), но металците не се предадоа, па до паузата за третата четвртина дадоа шест поени за 40-на секунди за прифатливи минус четири (57-61) и потоа следеше пресвртот. После две минути во последната четвртина и петте поени предност за српскиот тим, МЗТ направи серија со 10-0, а со петте поени во последните пет минути кога Борац најави кам-бек, беше решено сè.