МЗТ Скопје без дури тројца репрезентативци ќе проба да го освои Сараево!

Кошаркарите на МЗТ Скопје се наоѓаат пред тешка задача на утрешното гостување во Сараево, со оглед што треба да ги одмерат силите против директниот конкурент за второто место на табелата во АБА2-лигата, екипата на Спарс (17 часот) и тоа настапувајќи без дури тројца стандардни првотимци.

Станува збор за македонските репрезентативци Дарко Соколов, Љубомир Младеновски и Марко Симоновски, кои поради повреди на скочниот зглоб, раката односно препоните останаа во Скопје да се рехабилитираат. Ова е голем проблем за тренерот Ѓорѓи Кочов и тоа во најнезгоден момент, но тој е убеден дека останатите во тимот ќе сторат сѐ за да ја пополнат празнината во ростерот.

„Пред нас е дуел против екипа која поседува голем физички талент, а згора на тоа има и голем број искусни играчи во својот ростер. Кошаркарите на Спарс играат агресивна одбрана, одлично трчаат во транзиција и секогаш се агресивно на офанзивен скок. Наспроти ова, ние во Сараево доаѓаме сериозно ослабени, без тројца играчи кои се стандардни во нашата ротација. Но, сигурен сум дека останатите во мојот тим ќе најдат сила и ќе го надополнат нивното отсуство“, вели Кочов.

МЗТ Скопје во моментов е на делбата на второто место на табелата и тоа токму со Спарс, со оглед што двата тима во досегашните 10 кола остварија учинок 7-3 и се најдоа веднаш зад досега неприкосновената Приморска. За сино-белите ова, воедно, е и прво од трите врзани гостувања до крајот на годината во регионалното натпреварување во кои ќе пробаат да го потврдат досега прикажаниот квалитет, а со што ќе останат во трката за едно од првите четири места кои водат во плејофот.