„Му предвидев на Дражен дека ќе загине во сообраќајка - три години пред тоа да се случи!“

Марко Миличевиќ е некогашен репрезентативец на поранешна СФР Југославија, кој во кариерата има играно за голем број познати европски клубови и кој пред триесетина година беше соиграч со легендарниот Дражен Петровиќ, за кого деновиве во јавноста сподели досега непознато сведоштво.

Србинот со турски пасош тврди дека ја предвидел несреќата во која загина сигурно најдобриот кошаркар на сите времиња, а која на 7 јуни 1993 година се случи на автопат во Германија во близина на Минхен.

„Ова никому досега го немам кажано. Дражен беше мој добра пријател, а во 1990 година му кажав дека ќе има сериозна несреќа со трагични последици. Тогаш тој само ме погледна чудно. Бев во шпанска Марбеља во 1993 година кога на телевизија за слушнав страшната вест дека загинал. Тогаш се потсетив на тоа што му го кажав три години претходно. Седев во кафуле во Загреб заедно со Александар Петровиќ, кога одеднаш се појави Дражен со неговата тогашна свршеница Рената. Ме праша да му гледам на дланка, нешто за што бев познат во екипата. Му ја погледнав раката и продолжив да молчам. Инсистираше да му кажам што гледам и тогаш му кажав дека ако тој ја ожени Рената, јас ќе се оженам со Адолф Хитлер. Само му препорачав да си ја гледа само кошарката. Еден ипол месец подоцна повторно инсистираше да му гледам во дланка, и само му реков: Брат, ти се гледа сообраќајка со лош крај, нека ти е Господ на помош“, изјави Миличевиќ за српски „Телеграф“.

Поранешниот кошаркар на Црвена Звезда и Цибона тврди дека способноста за предвидување на иднината ја наследил од својата баба.

„Секој натпревар однапред знаев како ќе заврши. Не може ниту да ви опишам колку е тешко да се игра натпревар кога знаеш дека ќе изгубиш, а колку е лесно кога ќе победиш. За сѐ добивав знаци“, дополнува Миличевиќ.

Дражен загина на враќање од дополнителните квалификации за ЕП 1993 во Вроцлав на кои настапи и Македонија. Веќе бил качен во авионот кон Загреб, но во последен момент се премислил и со тогашната девојка со автомобил тргнал кон Минхен.