Медфорд „студен како шприцер“ го постигна кошот кој долго ќе се памети во Аеродром! (ВИДЕО)

Лестер Медфорд дефинитивно не ја одигра најдобрата партија во дресот на МЗТ Скопје во вечерашниот меч на гости кај Спарс (71-70), но дефинитивно го постигна најважниот кош за аеродромци во досегашниот дел од сезоната и тоа на една секунда за победа и водство 1-0 во полуфиналната плејоф-серија од АБА2.

Американецот „студен како шприцер“ го реализира последниот напад, кога храбро и умешно ги „измеша“ противниците и од врвот на рекетот стрелаше прецизно. Овој триумф ширум ги отвора вратите од финалето од доигрувањето за македонскиот тим, а со тоа носи и две шанси за враќање во елитната АБА. Првата е преку сама пресметка за титулата во второлигашката конкуренција, а втората е преку баражот со Задар при евентуален пораз во големото финале во АБА2.

Шансата за „затворање“ на серијата со Спарс избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов ќе ја имаат в недела на домашен терен.