Меч на сезоната: МЗТ ќе мора да победи вечерва ако сака да опстане во АБА!

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ќе го одиграа најважниот меч во досегашниот дел од сезоната и тоа на домашен терен против Мега МИС (21 часот) во склоп во 8. коло од АБА-лигата во кој едноставно не смеат да загубат, секако ако сакаат да опстанат во друштвото на најдобрите во регионалната конкуренција.

Аеродромци имаат само една победа, колку што има само уште Борац Чачак, додека белграѓани имаат два триумфа, кои ги врзаа во последните две кола. Ова значи дека ако сино-белите не почнат да победуваат, особено во пресметките со директните конкуренти, борбата да се остане во јадранската елита ќе им стане далеку потешка. Во тимот ќе ги нема Андреј Магдевски и Еван Максвел, кои си заминаа од клубот, а ќе дебитира новиот крилен центар, Александар Бурсаќ.

„Пред нас е важен натпревар од кој многу ни зависи продолжението од сезоната. Играме против најмладиот тим во лигата чие најсилно оружје е трчањето, енергијата и скокот. Ќе го потенцирам Драган Милосављевиќ, кој со своето искуство ги врза конците во тимот на Мега. Добро го знаеме противникот, кои се нивните добри, но и полоши страни, кои ќе се обидеме да ги искористиме. Рецептот е да одговориме со добра енергија и квалитетен скок и ако го сториме тоа ќе може да дојдеме до посакуваната победа. Секако, за ова ќе ни биде потребна и поддршка од трибините, поради што ги повикувам навивачите да дојдат во што поголем број за повторно да бидат наш шестти играч“, вели тренерот Александар Петровиќ.

МЗТ Скопје досега има одиграно десет меча со Мега МИС во кои скорот е 7-3 во корист на противникот. Но, македонскиот шампион е подобар во дуелите одиграни во Скопје во кои води со 3-2. Вечерашниот натпревар ќе биде пренесуван на МТВ-3 и на регионалната Арена спорт телевизија.