„Македонија одамна немала таленти како Младеновски и Маслинко!“

Кошаркарите на МЗТ Скопје многу потешко од очекувањата го совладаа тимот на Ловќен (100-90) во меч од 4. коло од АБА2-лигата, по кој тренерот Ѓорѓи Кочов прво со доза на самокритика го анализираше дуелот, а потоа го пофали македонскиот двоец под кошевите во неговиот тим.

Според стратегот на „металците“, Љубомир Младеновски и Андреј Маслинко се таленти какви што одамна немало во Македонија.

„Младеновски почна да игра одлично, да се бори, да игра на начин како што сакам. Покажува карактер и тоа многу ме радува. Сигурно ќе биде уште подобар како што одминува времето. Истото ќе биде и со Маслинко. Ова е само четврто коло, а Маслинко до крај со играње ќе може да го покаже својот квалитет. Мислам дека Македонија одамна немала вака талентирани кошаркари. Ние со силен тренинг ќе се обидеме да ги извадиме на правиот пат, а убеден сум дека и двајцата ќе бидат од голема важност за националниот тим и за нашиот клуб“, дополнува Кочов.

Младеновски средбата ја заврши со 14 поени и шест скока, од кои 12 поени постигна во првото полувреме, додека Маслинко запиша два поени за осум минути поминати на паркетот. Следен меч за составот од Аеродром во АБА2 е следната среда, кога ќе му гостуваат на босански Зрињски.