Македонија добива и втор претставник во БИБЛ и тоа поранешен – вицешампион!

Само неколку дена по официјализирањето на настапот на дебитантот ТФТ во Балканската лига (БИБЛ), доаѓа информацијата дека македонската кошарка ќе биде застапена и со втор тим во ова регионално натпреварување и тоа од Куманово.

Кумановци испратиле пријава за учество во БИБЛ, од каде што, пак, им ги пратиле потребните документи за формална регистрација за учество во следната сезона. По завршувањето на оваа формалност, тимот од најсерверниот град во Македонија и официјално ќе стане член на меѓународното натпреварување чиј вицешампион беше во 2017 година, по загубената финална плејоф-серија со бугарски Берое. Зад Куманово се пет сезони во кои беа дел од балканското првенство, што е доволен показател дека одлично ја познаваат средината во која сакаат да се натпреваруваат.

Според најавите, следната сезона во БИБЛ ќе играат осум или десет екипи и тоа од Македонија, Бугарија, Албанија, Косово и Црна Гора, а почетокот би бил во месец октомври.