Мајката на „Моцарт“: Вашиот Тоше и мојот Дражен имаа исто проклета судбина!

Кога нема спорт, речиси да нема светски медиум кој „празниот“ период не го користи за навраќање во минатото, за потсетување на важни работи, но на емотивни интервјуа кои ниту времето не може да ја намали нивната силина.

ИГОР КРСТЕВСКИ

Едно од таквите е и тоа со Бисерка Петровиќ, мајката на најдобриот европски кошаркар на сите времиња, Дражен, направен при една наша посета на неговиот музеј во Загреб. Таа во моментов е актуелна како дел од серијалот на телевизија Арена насловен како „Мајки на шампионите“.

Иако оттогаш мина повеќе од една деценија, сеќавањата на разговорот со жената чија единствена цел во животот е да го сочува споменот на својот брилијантен син, сѐ уште носат солзи на лицето. Особено што една од главните теми на интервјуто беше и нашиот трагично настрадан „славеј“, Тоше Проески, кој настрада во сообраќајна несреќа во близина на Нова Градишка во Хрватска во 2007 година.

„Срцето ми затрепери, на очите веднаш ми навреа солзи, а во главата ми се вратија сеќавањата од кобниот 7 јуни 1993 година кога го загубив мојот Дражен“, ни кажа мама Бисерка.

Со ова таа опиша дел од сопствените чувства во моментот кога ја слушнала веста за трагичната смрт на македонската пејачка икона.

„Многу го сакав Тоше. Имаше милозвучен глас, пееше како ангел. Навистина се потресов кога слушнав за неговата трагична несреќа. Вашиот Тоше во многу работи го споредувам со мојот Дражен, пред сѐ во истата несреќна судбина, која ги искачи на небото, меѓу ѕвездите во екот на нивната младост. Иако живееја во различно време, двајцата имаа премногу слични карактеристики. Беа мајстори во работата која ја сакаа, живееја за тоа во што веруваа, идентично беа обожувани на просторот помеѓу Вардар и Триглав. И, на крајот, двајцата релативно слично го завршија својот животен опус. Господ прерано ги повика кај себе - вели госпоѓа Бисерка.

Таа со години наназад работи во музејот „Дражен Петровиќ“, во зградата на кошаркарскиот клуб Цибона во Загреб.

„Знам дека многумина ме прават луда, но јас не се грижам што другите мислат. Животот сега ми е посветен во спречувањето Дражен да падне во заборав. Генерациите што доаѓаат треба да знаат кој и што бил тој и каков бил неговиот придонес за југословенската, хрватската, европската па и за светската кошарка. Тука посетителите можат да видат и да се обидат да сфатат кој бил Дражен“, објаснува мајката на Дражен и на Александар Петровиќ, сега познат тренер.

На не многу голем простор во мултимедијалниот центар „Дражен Петровиќ“ се сместени голем број предмети од кариерата на легендарниот кошаркар на Шибенка, Цибона, Реал Мадрид, Портланд трејблејзерс, Њу Џерси нетс, југословенската и на хрватската репрезентација. Секој предмет има своја историја, за секој медал, пехар... мама Бисерка има своја приказна.

„Тука се наоѓаат само дел од предметите кои на Дражен му беа најдрагоцени. Изложени се дипломите и пехарите кои тој ги добиваше како надежен кадет на Шибенка, па се до признанијата добиени во дресот на Њу Џерси. Непосредно пред да загине, Дражен со гордост ми ја покажуваше плакетата за избор во третата најдобра петорка во НБА-лигата во сезоната 1992/93 година. Влезот меѓу 15-те најдобри во Лигата му беше најдраго признание дотогаш, доказ дека, сепак, е на исто ниво со останатите ѕвезди во САД. Тогаш НБА-лигата беше многу позатворена за Европејците, Дражен се изнамачи за да го добие заслуженото внимание и признание. Несреќната судбина го спречи да поужива во плодовите на својот труд. Го зема токму кога требаше да стане еден од најдобрите што некогаш играле во НБА-лигата“, со тага во гласот се присеќа Бисерка.

Двајцата настрадаа како совозачи. Исто како и нашиот Тоше и Дражен својот живот го загуби во сообраќајна несреќа, исто така седејќи на совозачкото седиште. Петровиќ загина на 7 јуни 1993 година, во Германија, на патот од Полска кон Минхен и тоа поради неприспособување на брзината на условите на патот. Дражен, кој во деновите пред несреќата настапуваше за Хрватска на претквалификацискиот турнир во Врослав (Полска) на кој играше и Македонија, тогаш место со авион со остатокот на националниот тим решил во Загреб да се врати со својата пријателка со автомобил и патем да сврати во Минхен, каде што одамна ветувал дека ќе посети кошаркарска академија на свој пријател.

„Дражен повеќе пати ја одложуваше посетата на Минхен. Обврските не му дозволуваа да замине таму. Судбината сакаше токму враќањето од Вроцлав да го искористи за одржување на даденото ветување. Тоа се покажа како кобно. Кој знае што ќе беше ако се вратеше во Загреб со авион, со остатокот на репрезентацијата на Хрватска...“, веќе со солзи на очите вели Бисерка Петровиќ, мајка на Дражен.

Личната карта на Дражен - најпотресен експонат Како еден од најпотресните предмети изложени во музејот „Дражен Петровиќ“, госпоѓа Петровиќ ја истакнува личната карта на нејзиниот син, на која се гледа дека датум на нејзиното истекување е токму денот кога Дражен загина.

„Уште да го пишуваше времето на загинување во личната карта ...Чудни се патиштата господови“ - тивко коментира госпоѓа Петровиќ.