Лукајиќ го пропушта Морнар, Кочов ќе го предводи МЗТ Скопје во Бар!

Еден од најдобрите млади македонски тренери во моментов, Ѓорѓи Кочов (33 години), ќе го предводи тимот на МЗТ Скопје на вечерашното гостување против Морнар (19 часот), откако првиот стратег на „металците“, Жељко Лукајиќ, наместо во Бар поради семејни обврски морал итно да замине во својот дом во Србија.

Тоа се очекува да биде дополнителен хендикеп за сино-белите на овој последен дуел од АБА-лигата сезонава, со оглед на отсуството на повредениот Бојан Трајковски, веќе заминатиот Јордан Минчев како и на Џордон Крафорд и Алексеј Нешовиќ, кои немаат право на настап во ова натпреварување. Воедно, ова ќе биде одлична можност за младиот Кочов да се проба на едно повисоко ниво од тоа каде што работеше во минатото (тренер на Вардар во Првата и Втората лига), каде што би собрал драгоцено искуство кое и тоа како ќе му помогне во понатамошниот престој во таборот на „металците“.

Тој, како што информираат од „Јане Сандански“, е во постојана комуникација со Лукајиќ, од кого ги добива потребните насоки и совети поради што се очекува неговото отсуство да не се почуствува премногу во играта на сино-белите во пресметката со четвртиот најдобар тим во јадранската конкуренција.

„Нема што премногу да се каже за нашиот противник, ако се знае дека тоа е тим кој е меѓу четири најдобри во оваа силна конкуренција. На нас е да го дадеме максимумот и да одиграме борбено и пожртвувано. Ова е последен меч во АБА сезонава и верувам дека тоа ќе ни биде дополнителен мотив да се покажаме во најдобро светло“, вели бекот на аеродромци, Дарко Соколов.

Ова ќе биде четврти меѓусебен дуел на двата тима во регионалното натпреварување, каде што Морнар досега има три исклучително тесни победи изразени со еден, три и шест поени разлика. Судии на натпреварот ќе бидат Сретен Радовиќ, Денис Хаџиќ (двајцата од Хрватска) и Сашо Петек (Словенија). Предвиден е телевизиски пренос на собранискиот канал на МРТ како и на Арена Спорт.