Лошиот шут, пред се за три поени, како и големиот број загубени топки, беа главните причини за убедливиот пораз на МЗТ Скопје во вечерашната пресметка со словенечка Рогашка (64-80) во вториот меч од новата сезона во АБА2, одигран на турнирот во Златибор.

Аеродромци во мечот влегоа осоколено од завчерашната значајна победа против Младост Земун, еден од фаворитите за највисок пласман, а и одлично ја почнаа средбата со водство 10-5, но тоа беше сè што направија. Противникот ги постигна следните десет поени (15-10) по што го одржуваше водството до самиот крај, кое неретко беше и над границата од 20 поени. Најмногу што сторија сино-белите од Скопје беше намалувањето на на минус осум (37-45) со осумте поени во низа на стартот од второто полувреме, но противникот брзо се опорави и повторно ја наметна доминацијата во играта.

За разлика од пред два дена, избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ вечерва погодија само седум тројки со 29-отстотна прецизност, беа едвај над 50-отсто во ударите од линијата за слободни, а имаа и 18 загубени топки. Тие беа инфериорни во речиси сите статистички категории, поради што и не зачудува крајниот епилог. Дамјан Стојановски и Хуан Дејвис со по 12 поени беа најпрецизни кај МЗТ, додека Дастин Вер и Адем Мекиќ реализираа по 10 поени.

Следниот турнир од АБА2 се игра на почетокот од следниот месец во Осиек, кога „металците“ ќе ги одмерат силите со вториот македонски претставник, Пелистер.