Кузмиќ закрепнува подобро од очекуваното – под обрачите може да се врати идната година!

Кошаркарот на белградска Црвена Звезда, Огњен Кузмиќ кој закрепнува после тешката сообраќајна несреќа пред три недели ќе се врати на паркетот на почетокот на идната година, најавија српски медиуми повикувајќи се на извори во таборот на црвено-белите.

Кузмиќ имаше сообраќајка на магистрачниот пат Бјелина – Бања Лука, по што беше префрлен во клиничкиот центар во Белград, каде поради тешките повреди беше во индуцирана кома, а откако му беше извршена операција на горната вилиза за да може нормално да дише, сега е пуштен на домашно лекување.

„Закрепнувањето на Огњен оди многу подобро од тоа што се очекуваше. Тој само десет дена откако излезе од болница веќе шеташе низ град, што е неверојатно. Ако вака продолжи закрепнувањето, има големи шанси во вториот дел од сезоната да се врати на паркетот, што значи некаде на почетокот на идната година. Нормално, сето тоа е ако состојбата биде ваква и нема некакви компликации“, рекол изворот за српските медиуми.

Портпаролот на белграѓани, Игор Вујичин изјавил дека во моментов враќањето на теренот е во втор план.

„Огњен добро се чувствува, постојано е во контакт со лекарите, редовно оди на контроли и сѐ оди на подобро. За враќањето на терен, рано е да говориме и прецизно да кажеме кога би можел да се врати, зашто има повреди на градниот кош иглавата, што не се наивни. Потрбно е сега само да се врати во нормален живот, а потоа ќе видиме. Сѐ зависи од лекарите“, вели Вуичин.