Кузмиќ нормално дише, но тешко зборува и знае до детал што се случи!

Кошаркарот на белградска Црвена Звезда, Огњен Кузмиќ, кој доживеа тешка сообраќајна несреќа на магистралниот пат Бања Лука – Приједор во неделата наутро нормално дише, може да ги мрда екстремитетите и свесен е за сѐ што се случи кобната ноќ.

Денеска претставници на белградскиот тим предводени од првиот човек Небојша Човиќ го посетиле Кузмиќ во клиничкиот центар, откако завчера му беше извршена операција на горната вилица и потоа тој полека излезе од индуцираната кома.

Лекарите на клиниката изразиле задоволство што Кузмиќ напредува со закрепнувањето и сега тој е свесен, дише нормално колку што е во можност во моментов, а пред сѐ е свесен за сообраќајната несреќа и како се случила истата. Но, поради операцијата на вилицата, тој сега тешко зборува, а лекарите препорачале да не се напрега за да може нормално да се санираат тешките повреди.